Труење со храна
Како се случува и како може да го спречам?
Труењето со храна настанува кога јадеме храна контаминирана со штетни бактерии, вируси и паразити. Тоа може да се случи кога:
- Храната не се приготвува или затоплува правилно.
- Со неа ракува некој што не ги измил рацете или не се чувствува добро.
- Храната не се чува на соодветна температура—на пример, оставена е премногу време надвор од ладилникот или замрзнувачот.
- Се консумира по изминувањето на датумот означен како „употребливо до“.
- Животни и инсекти доаѓаат во допир со храната.
Запомнете, секој вид храна може да предизвика труење со храна ако со неа не се ракува или ако не се чува безбедно!
Придржувањето до основните хигиенски правила во текот на приготвувањето на храната е многу важно. Јајцата и месото мора правилно да се приготвуваат за да може безбедно да се јадат.
Повеќето случаи на труење со храна се предизвикани од бактерија од сурова храна што дошла во допир со храната приготвена за консумирање.
Што е салмонела?
Салмонела е вид бактерија што кај луѓето може да ја предизвика болеста салмонелоза. Таа е вообичаена причина за избувнување на болести што се пренесуваат со храна, при што во Европа секоја година се пријавуваат 80.000 случаи на салмонелоза.
Во прехранбените производи салмонелата, главно, се наоѓа во јајцата и во суровото месо од кокошка, мисирка и свиња. Меѓу луѓето таа може да се шири преку контаминирани прехранбени производи.
Симптоми и ризици
Симптоми на салмонелоза кај луѓето се треска, дијареја и грчеви во стомакот. Ако се инфицира крвотокот, може да биде опасна по живот.
Како може да ја спречам?
Салмонелата се убива со правилно готвење, но, сепак, сѐ уште може да дојде до загадување со несоодветно ракување со приготвената храна и/или со нејзин контакт со сурови производи. За да останете безбедни:
- Јајцата, месото од живина и другото месо гответе ги темелно за да се елиминираат бактериите.
- Суровата храна чувајте ја одделно од зготвената за да спречите вкрстена контаминација.
- Користете чист прибор за јадење, штици за сечење и површини за секој вид храна.
- Темелно мијте ги рацете пред и по ракувањето.
- Расипливата храна чувајте ја во ладилникот под 5 °C за да го забавите или да го запрете развојот на бактерии.
Ваквите едноставни навики во кујната може значително да го намалат ризикот од салмонелоза.
Дома може да ја спречиш заразата со салмонела со правилно приготвување на јајцата и месото. Опасностите од болестите што се пренесуваат преку храната ќе се намалат и со следење на основните хигиенски правила за подготовка на храна, како што е редовно миење на рацете и чување на суровата храна подалеку од подготвените производи.
Валентина Рици, микробиолог за храна во ЕФСА.
Европските научници проучуваат како патогените, како што е салмонелата, ги контаминираат прехранбените производи, како што се овошје, зеленчук, жита и зачини. Лиснат зеленчук што се јаде суров и зеленчук како што се кромидот и аспарагусот се меѓу најризичните комбинации.
Преку соработка со земјите членки на ЕУ, Европската комисија, ЕФСА и ЕЦДЦ се спроведуваат ефективни програми за намалување на загадувањето со салмонела во месото од живина и заштита на потрошувачите во Европа.
Што е листерија?
Листериозата е сериозно заболување што се пренесува преку храната, предизвикано одListeria monocytogenes, отпорна бактерија што се развива во животната средина и може дури да се размножува на ниски температури, како што е температурата во ладилникот. Таа може да ја контаминира и суровата и приготвената храна, особено високо преработените производи, како што се филети, сирење, чадена риба и готови јадења.
Иако е ретка, листериозата претставува сериозно заболување со висока стапка на хоспитализација и смртност, која особено ги погодува ранливите групи, како што се бремени жени, новородени бебиња, постари лица и лица со слаб имунолошки систем.
Симптоми и ризици
Симптомите на листериоза варираат, од благи симптоми слични на грип, како што се гадење, повраќање и дијареја, до сериозни компликации, како што е менингитис. Заштитата од листерија опфаќа безбедно ракување со храната, ефективно ладење во ладилник и консумирање веднаш по приготвувањето.
Како може да ја спречам?
Листеријата не може да преживее при правилно подготвување на храната (температури над 65 °C), но повторно може да ја контаминира храната по приготвувањето, во текот на чувањето или ракувањето. За да го намалите вашиот ризик:
- Ладилникот да ви биде вклучен на температура под 5 °C, како што препорачува Светската здравствена организација, за да го ограничите или запрете развојот на бактерии.
- Одделете ги суровата, приготвената и готовата храна при приготвување и чување.
- Користете чист, наменски прибор за јадење за различни видови храна.
- Темелно мијте ги рацете пред и по ракувањето со храната.
- Веднаш консумирајте ја готовата храна и избегнувајте да консумирате расиплива храна по датумот означен како „употребливо до“.
Листеријата е отпорна бактерија што може да преживее и да се развива во ладна средина, но со правилно готвење и внимателно ракување со храната може ефикасно да се држи под контрола.
Елеонора Сарно, микробиолог за храна во ЕФСА.






























