Означување на датумот на храната
Што значи „употребливо до“ и „најдобро пред“?
Ознаките на храната ти помагаат да направиш безбедни и информирани избори, а притоа да го намалиш отпадот од храна. Разбирањето на разликата помеѓу датумите означени со употребливо до и најдобро пред е клучно.
Европската комисија проценува дека до 10 % од 88 милиони тони отпад од храна што се генерира годишно во ЕУ се поврзани со ознаката за датумот на прехранбените производи.
Што претставува датумот означен со „употребливо до“?
Датумот означен со употребливо до е поврзан со безбедноста на храната. Прехранбените производи со оваа ознака, како што се свежо место, риба, готови салати и млечни производи, не треба да се консумираат по тој конкретен датум дури и ако изгледаат или мирисаат добро. Може да се разболите од штетни бактерии што не може да ги видите или помирисате.
За безбедно користење на храната пред датумот означен со употребливо до следете ги упатствата за складирање, како што е нејзино чување на температура под 5 °C. Исто така, може да ја приготвите храната пред тој датум, што ви дава дополнително време – да ја изедете во рок од 48 часа ако се чува во ладилник или да ја замрзнете за подоцна. Не заборавајте да ги означите производите со датум кога се замрзнати за да избегнете забуна.
Што претставува датумот означен со „најдобро пред“?
Датумот што означува „најдобро пред“ се однесува на квалитетот на храната. По овој датум храната сѐ уште е безбедна да се консумира ако се чува правилно, но може да изгуби во вкусот, текстурата или свежината. Оваа ознака често може да се најде на долготрајни прехранбени производи, како што се тестенини, ориз, конзервирана храна, замрзната храна и грицки.
За овие производи користете ги своите сетила – вид, мирис или вкус – за да проверите дали сѐ уште се добри за јадење. Меѓутоа, тоа не важи за храна со датум што означува „употребливо до“ бидејќи може да бидат присутни штетни бактерии дури и ако храната изгледа добро.
Означувањето на датумот на храната се заснова врз науката. Со давање јасни и точни информации на пакувањето, како и со подобро разбирање на означувањето на датумот, се помага да се осигури безбедност на храната, а притоа да се намали отпадот од храна на целата територија на ЕУ.
Михаела Хемпен, микробиолог за храна во ЕФСА.
Зошто е важно разбирањето на ознаките со датуми?
Неразбирањето на ознаките со датуми придонесува за создавање отпад од храна. Во ЕУ, до 10 % од отпадот од храна доаѓа од забуна околу датумите што означуваат употребливо до и најдобро пред. Знаејќи ја разликата може поефикасно да ги планирате оброците, правилно да ја чувате храната и да донесувате подобри одлуки за тоа што да зачувате, а што да фрлите.
Што се прави за подобрување на означувањето на датумите?
За да бидат ознаките појасни и да се намали отпадот од храна, научниците за безбедност на храната и производителите работат заедно за да обезбедат датумите да бидат точни. ЕФСА усоврши алатка за упатување на производителите кога да применат датум употребливо до, а кога најдобро пред, олеснувајќи им на купувачите да направат информиран избор.
Со разбирањето на овие ознаки може да уживате безбедно во храната, да штедите пари и да ја заштитувате планетата намалувајќи го отпадот од храна.





























