Bowl of grains

Алергени во храната

Last reviewed date:

Каде да најдете информации доколку имате алергиска реакција на храна

Алергија на храна настанува кога имунолошкиот систем на организмот реагира на одредена храна. Иако алергиските реакции најчесто се благи, тие може да бидат и сериозни. Единствениот начин да се справите со состојбата е да ја избегнувате храната што предизвикува алергиска реакција.  

Европското законодавство, поткрепено со научни докази, обезбедува задолжително означување на алергените на пакувањето на храната.  

Како алергените во храната може да влијаат врз луѓето?  

Дури и сосема мала количина од некоја состојка во храната може да предизвика алергиска реакција кај чувствителните лица. Симптомите на алергиска реакција може да бидат благи (чешање или исип), но може да напредуваат до посериозни симптоми, како што се повраќање, дијареја, отежнато дишење и понекогаш анафилактичен шок.  

Нетолеранција на храна се јавува кога луѓето имаат тешкотии при варење одредени супстанции, како што е глутенот, што предизвикува надуеност, стомачни грчеви и дијареја.  

Затоа е особено важно алергените да бидат јасно означени на етикетите на храната.  

Кои состојки во храната предизвикуваат алергиски реакции?  

Најчести алергии кај луѓето се алергиите на јаткасти плодови, школки и одредено овошје. Во ЕУ постојат 14 алергени кои задолжително мора да бидат означени доколку се користат како состојки во храната:  

  • Житарки што содржат глутен – пченица, 'рж, јачмен, овес.  
  • Ракови, на пример, краби, шкампи, јастози  
  • Јајца  
  • Риби  
  • Кикирики  
  • Соја  
  • Млеко  
  • Јаткасти плодови – бадеми, лешници, ореви, индиски ореви, пекан ореви, бразилски ореви, ф'стаци, макадамија  
  • Целер  
  • Сенф  
  • Сусам  
  • Сулфур диоксид и сулфити употребени како конзерванси (во концентрации поголеми од 10 мг/кг или 10 мг/Л изразено како вкупен сулфур диоксид)  
  • Волчјак  
  • Мекотели, на пример, школки, остриги, лигњи, полжави  

Со проверка на состојките на етикетите на претходно пакуваната храна, каде што се прикажани алергените, како и со информациите за непакуваната храна, луѓето може лесно да утврдат дали постои ризик од алергиска реакција.  

Алергени во храната низ бројки*

  • 1 % од населението на ЕУ – 4,5 милиони луѓе
  • 75 % од алергиските реакции кај децата се предизвикани од јајца, кикирики, кравјо млеко, риба и јаткасти плодови  
  • 50 % од алергиските реакции кај возрасните се на овошје, вклучувајќи јаболка, круши, цреши, малини, јагоди и бадеми, зеленчук како целер, моркови и ароматични билки, како и различни јаткасти плодови и кикирики  

Означувањето на состојките што содржат алергени во прехранбените производи е клучно за лицата со алергии да можат да избегнуваат состојки што може да им наштетат. Покрај советите за употреба на етикетите, научниците можат да ги оценат новите состојки како потенцијални алергени и да истражуваат како одредени фактори, како што е преработката на храната, влијаат врз алергенскиот потенцијал.

Антонио Фернандез Думонт, специјалист за безбедност на протеини во ЕФСА.

Европските научници одговорни за алергии на храна дадоа свој научен придонес во законодавниот процес за означување на храната. Науката за алергени постојано се развива и овој список може да се дополнува во иднина.

*EFSA, 2014

edamame in a glass bowl